Разбиена група што незаконски продавала несоодветни тестови за корона

од Vladimir Zorba
242 прегледи

По добиени сознанија дека лица од Виница вршеле незаконска продажба на несоодветни брзи тестови за детекција на вирусот „Ковид-19“, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Виница извршиле оперативни проверки, при што е дојдено до сознанија дека лицата: В.П.(35) и М.А. (46) двајцата од Виница, заедно со правно лице од Виница нуделе и продавале несоодветни т.н. брзи тестови во врска со коронавирусот, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело – „незаконито земање и користење на генетски и биолошки материјал“ казниво по чл.210-а од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П.пронајдени се седум кеси со натпис „Ковид Чек ТМ“ и едно шише од 2мл со течност со натпис „Буфер“, кои се одземени.

До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи.

„Апелираме до граѓаните да им веруваат и да се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на институтот или центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами, а МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави, како што е случајот во Виница.. Само така заеднички ќе придонесеме за справување со коронавирусот“, додаде Ангеловски.