Лекари специјализанти: Овозможете ни да им помогнеме на нашите пациенти и на истоштениот систем рамо до рамо со другите колеги

од Берта Китинска
217 прегледи

Лекари специјализанти упатија отворено писмо до премиерот Зоран Заев, во кое, како што велат, говорат за состојби за кои повеќе не смее да се молчи.

Здружението на лекари специјализанти во писмото потенцира дека во време на кризни моменти за македонското здравство и општеството воопшто, „кога се соочуваме со скоро исполнети болнички кревети и исцрпен кадар, секој специјализант посакува да му се овозможат хумани услови за да може да се приклучи на борбата и со тоа придонесе кон унапредување на здравствената состојба на пациентите. А од друга страна да спречи колапс на здравствениот систем, што е особено значајно во овој момент”.

Лекарите специјализанти апелираат до премиерот и ја алармираат јавноста „дека е спротивно на основните човечки принципи да се бара од специјализант кој нема здравствено осигурување да работи во ковид центар”. Велат дека правото на живот и здравје е загарантирано со конвенцијата за човекови права и дека не може приватните специјализанти да бидат исклучок.

Тие во писмото нагласуваат дека сечиј труд треба да биде признаен и адекватно валоризиран, па бараат платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата.

„До кога државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови кои ни следуваат? Не претставувајте нѐ пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното”, пишува во писмото до премиерот Заев.

Приватните специјализанти се согласуваат дека во ова време е потребно да лекуваат пациенти во јавно здравствените установи, но велат дека доколку и тие самите станат пациенти дека тогаш за нив јавното здравство не постои.

Здружението на лекари специјализанти минатата година изработи неколку симулации на буџет за дежурства кои ги опфаќаат сите државни и приватни специјализанти, според што на месечно ниво издатоците изнесуваат помалку од 25 илјади евра, сума која, како што велат, не би го оптоварила Фондот за здравствено осигурување.

„Не помалку важно во оваа ситуација е и непостоењето на јасни критериуми кои ќе ги регулираат категориите на лекари специјализанти кои од оправдани причини би биле изземени од работа во ковид центрите, како што е тоа случај со специјалистите. Во тој контекст, мора да се дефинираат јасни насоки за тоа кои категории на лекари се иземени од работа во ковид центрите и истите би биле ангажирани во зелените зони”, се вели во писмото на Здружението адресирано до премиерот Зоран Заев во кое се искажува надеж дека тој ќе има слух за нивните проблеми и барања.