Ф2Н2: Фотографии од археолошки ископувања во Турција се злоупотребени за да се манипулира дека истите се направени во С. Македонија

од Vladimir Zorba
339 прегледи

Фотографии од археолошки ископувања во Турција се злоупотребени за да се манипулира дека истите се направени во Северна Македонија и дека согласно Преспанскиот договор со археолошките локалитети во државава ќе управуваат на грчките археолози. Вистината е дека ниту фотографиите се направени во државата, а ниту пак постои таква одредба во Преспанскиот договор, пишува Ф2Н2.

На 12-ти ноември, фејсбук-страницата “Macedonian Coalition”, објави фотографии од археолошки ископувања, при што во описот тврди дека „според Преспанскиот договор археолошките локалитети во Македонија дадени се на управување на грчките археолози.“ Потоа се потенцира дека дури сега ќе се видело како изгледа легална кражба и извоз на македонското културно наследство, а објавата завршува со пцост упатена кон премиерот Заев.

Турските медиуми известиле за овој настан, и во нивните статии може да се видат фотографиите што фејсбук-страницата намерно ги злоупотребила за дезинформирање на македонската јавност, со цел да се предизвика незадоволство и недоверба во придобивките од Преспанскиот договор. Со тоа, објавата воедно поттикнува и омраза кон соседна Грција, а користи и недоличен јазик.

Со изнесените дезинформации дека согласно Преспанскиот договор археолошките локалитети во Република Северна Македонија наводно се дадени на управување на грчки археолози, граѓаните се доведуваат во заблуда, а згора на тоа им се презентира и уште помрачно сценарио, дека македонското културно наследство наводно ќе биде легално украдено и извезено. Ваквите манипулации се можни бидејќи не го има секој прочитано Преспанскиот договор. Сепак, во него не постои таква одредба.

Администрирана од пет лица од Австралија, фејсбук-страницата “Macedonian Coalition”, наводно претставува невладина организација за заштита на националниот интерес на Македонците ширум светот. Сепак, очигледно е дека нејзината цел е да поттикнува раздор меѓу граѓаните, говор на омраза и недоверба во институциите на системот, пишуваат од Ф2Н2.