Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека анализите покажуваат оти е намалена преносливоста на коронавирусот во земјава, т. е. Р0 (ер нула) факторот на преносливост е намален од 1,5 на близу 1.
„Значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1“, нагласил Филипче.
Според него, засега не е потребно воведување на полициски час, но важно е почитување на мерките поради сериозниот притисок на здравствениот систем и брзото исполнување на болничките капацитети, како и недостаток на медицински кадар.
„Сѐ повеќе одделенија се пренаменуваат да третираат пациенти со ковид. Многу веројатно е дека за многу кратко време, тоа може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот Мој термин како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни. Сите се посветени на оваа работ,а координаторите на Интерните клиники, Инфективната клиника, во болниците сите одделенија практично и целокупниот кадар е посветен, и по систем на ротација спремен да помогне во третман на ковид пациентите, но тоа оди сѐ потешко“, потенцирал Филипче.
Тој додал дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен, а доколку има простор и потреба Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство, ќе препорача и дополнителни рестриктивни мерки, додавајќи дека следна мерка би можела да е полициски час.