Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 9 до 15 ноември тестирани се вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, како што вели ИЈЗ, со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи.
Во периодот од 9 до 15 ноември во земјава се пријавени 172 смртни случаи како последица на компликации од ковид-19, што е зголемување од 35,4% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1646, 22,4 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1496; 20,3 отсто), од 40 до 49 (n=1435; 19,5 отсто), од 50 до 59 (n=1410; 19,2 отсто) и од 20 до 29 години (n=961; 13,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=120; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=287; 3,9 отсто). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7 отсто) лица од машки и 3.624 (49,3 отсто) од женски пол.
По добиени 2 негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11.6% повеќе од минатата недела.