Нови рестрикции за спречување на ширењето на ковид-19 се очекува да произлезат како препорака од утрешната седница на Советот за безбедност, кој ќе заседава повторно.
Не се исклучува можноста да биде прогласена кризна состојба на цела територија, иако нема се уште никаква потрврда од Владата. Неофицијалниот предлог кореспондира на високите бројки на заразени и починати и напливот на пациенти во болниците. Според најавата од кабинетот на Пендаровски, на утрешната седница, освен членовите на Советот за безбедност, поканет е и министерот за здравство Венко Филипче. Се очекува министерот да реферира за ситуацијата со Ковид-19.
Другата опција е воведување нов полициски час, што премиерот Зоран Заев го спомна како опција во вчерашното интервју на ТВ 21.
Според Законот за управување со кризи, кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку постои потреба од подолг период, тогаш Собранието мора да го одобри тоа.
Владата нема можност да носи Уредби со законска сила, туку одлуки кои секоја институција мора да ги примени. Кризна состојба во март беше прогласена во Дебар и Центар Жупа. Строго беше контролирано движењето на граѓаните во овие места, а на влезовите војската и полицијата вршеше строги проверки. Забранет беше влезот и излезот за граѓани кои не живеат таму, со камиони се доставуваше храна и намирници.