Премиерот Зоран Заев во интервју за ДВ, вели дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ.
„Тврдам исто така дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери. Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат „аман брату, немој толку да не сакаш“. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин“, изјавил Заев.
Тој потенцира дека Каракачанов ги знае неговите ставови.
„Јас сум често домаќин на културни манифестации на Бугарите во земјава. Јас како премиер го возобновив и го подигнав споменикот на полковник Константин Каварналиев во Дојран, затоа што се борел за слободи и права во Првата светска војна. Затоа што тоа може да биде мост на пријателство. Јас сум разговарал лично со градоначалници на општини и институции да тргнат табли на кои што се зборува за „непријателски” народи и да ја променат таа табла. Јас сум тој којшто работи, заедно со целиот мој народ, на јакнење на пријателството и братството на двата народи, но не можете нешто ако е изгубено со децении, за две години да го постигнете, треба дополнително време, а тоа зависи од сите нас“, вели Заев.