Скоро милион луѓе примиле експериментална вакцина за коронавирус развиена од кинескиот фармацевтски гигант „Синофарм“, пишува Си-Ен-Ен. Сето тоа е дел од програмата за итни случаи одобрена од Пекинг и досега не се забележани сериозни штетни ефекти.
„Ние применивме вакцина кај скоро милион луѓе во итен случај. Никој не пријавил сериозни несакани ефекти, а само неколку луѓе имаат лесни симптоми “, рече водачот на „Синофарм“, Лиу Џингжен.
Вакцината ја примија кинески градежни работници, дипломати и студенти.
Самата компанија развива две различни вакцини и не е јасно која е употребена.
Експерименталната вакцина против Ковид-19 – „КороваВак“, предизвикува брза реакција на имунитетот кај испитаниците, но нивото на произведени антитела е пониско отколку кај луѓето кои се опоравиле од оваа болест, според резултатите од првичните тестови.
Со месеци, Пекинг одобрува компании итно да вакцинираат со експериментални вакцини. На пример, во јуни кинеската компанија „CanSino Biologics“ објави дека добила специјално овластување да ја примени својата експериментална вакцина врз кинеската војска.
Експериментални вакцини дури и беа понудени на јавноста, а некои граѓани дури патуваа за да земат доза.
Бидејќи пандемијата е скоро целосно под контрола во Кина, последната фаза на тестирање на кинеската вакцина се спроведува во Пакистан, Саудиска Арабија, Русија, Индонезија и Бразил.