Мајстор Борче – урбана скопска легенда, низ чии раце поминале многу политичари

од Берта Китинска
2,7K прегледи

Борис Апостолов, познат како кројач Борче е вистински „моден гуру“ од старата школа и урбана градска легенда. Тој веќе 50 години се занимава со оваа професија, а за себе ќе каже дека иглата е неговиот живот.

Во скромниот дуќан во Кисела Вода, поминале многу политичари, амбасадори, познати македонски ѕвезди…а, за неговиот квалитет сведочат бројните благодарници од многу амбасади и мисии кои биле во земјава.

За „Локлано“ познатиот кројач вели дека за неговиот успех биле пресудни две работи.

-Секогаш кога во дуќан ќе ти влезе муштерија мора да си насмеан и колку да ти е тешко, немаш право на никого да му го одземаш личното време, кога ќе му кажеш да дојде во 17 часот за проба тогаш тоа треба да се почитува. Еден мој пријател од Финска ми рече: „Борче сакам да работиме заедно, но да не биде балкански“, а тоа значи дека кога на муштеријата ќе му кажеш дека одделото ќе биде готово за една недела така и треба да остане, вели Борче.

Мајстор Борче својот занает започнал да го учи уште како дете.

-Како дете отсекогаш сакав да бидам убаво облечен, занаетот почнав да го учам уште на 14 години. Бев три години „калфа“. И како добра „калфа“ почнав да работам сам. Требаше да заминам за Париз, но мојот другар Андреја ме убеди да останам овде и да започнам со свој бизнис. Занаетот го надоградував во Солун, Милано…на почетокот не ме интересираше заработката, личната цел ми беше повеќе да научам, долги години одев низ целиот свет само за да гледам нови модели, да купам добри материјали, нов алат, ни раскажува мајстор Борче.

Оваа градска легенда вели дека за неговиот занает пресуден е талентот.

-Во Кисела Вода на времето имаше 12 кројачи, сите задно бевме другари за сите имаше работа, но како одминуваше времето нивниот број се намали. Се отворија дуќани за облека, но и занаетот не го предадоа на други генерации. Се сеќавам за да излезеш на корзо требаше да си дотеран во убаво оддело. Во мојот дуќан тогаш имаше редици на млади момчиња кои пробуваа, панталони, сакоа…Сега модата е сосема поинаква се изгубија многу вредности од минатото, вели Борче.

Според него, за свадба младоженецот секогаш треба да биде дотеран во смокинг.

-Тој ден е посебен, одделата може и секојдневно за најразлични прилики да се носат, но свадбата е еден посебен чин каде младоженецот треба специјално да се чувствува и изгледа убаво, вели Борче.

Тој низ своето долгогодишно искуство има шиено за „Унпрофор“, многу амбасадори, луѓе од дипломатскиот кор како и за нашите политичари. Во својот тефтер мајстор Борче ги чува мерките од сите свои клиенти.

-Низ моите раце поминале многу политичари , нивните мерки ги чувам во својот тефтер. Не се тешки клиенти знаат што сакаат, но примаат и наши сугестии за тоа кој модел е соодветен за приликата за која ќе биде наменет, вели кројачот.

Во дуќанот во моментов работат четворица „калфи“. Мајстор Борче вели дека Зекири Нуредин е еден од најнадежните идни кројачи во Скопје.

– Пред некоја година испративме двајца работници во пензија, во моментов имам четворица вредни работници. Корона-кризата ни ја намали работата. Во дуќанот ми останаа многу нарачани оддела. Голем дел од нив имаат оставено капар и чекаат да помине пандемијата за да направат свадба, вели мајстор Борче.

Б.М

Фото: Борче Поповски

Слични содржини