Д-р Ентони Фаучи, директор на Американскиот национален институт за алергија и инфективни болести, кој е исто така член на работната група на Белата куќа за коронавирусот, предупреди дека „јануари ќе биде ужасен“, што ќе биде резултат на семејните собири за време на празниците.
„Мислам дека јануари ќе биде страшен затоа што ќе имаме бран на Божиќ и Денот на благодарноста“, изјавил Фаучи за време на интервјуто за „Њузвик“. „Значи, сосема е можно јануари да биде најлош месец во борбата со пандемијата“.
Тој истакнал дека помеѓу две и три недели од почетокот на патувањатапоради Денот на благодарноста, ќе се забележат нови пикови и додал дека не се сомнева дека бројот на хоспитализирани и починати ќе се зголеми во текот на следните недели.
„Мразам да морам да го кажам ова, но тоа е вистината и реалноста“, рекол Фаучи.
Предупредувањата на Фаучи доаѓаат откако САД ги соборија црните рекорди на коронавирус во поголемиот дел од неделата. Најновите податоци покажуваат дека САД во четвртокот забележале максимален дневен број на нови случаи и хоспитализации.
Околу 19 442 лица биле префрлени во единиците за интензивна нега, а други 6.867 Американци биле приклучени на респиратор.
Во САД, Калифорнија е сè уште земја со најголем дневен број на евидентирани случаи на Ковид-19. Во четвртокот се евидентирани 21.368 нови случаи. Тексас, Пенсилванија, Илиноис и Флорида се позади неа според бројот на заразени лица.
Гувернерот на Калифорнија во четвртокот издаде наредба луѓето да останат дома, со надеж дека мерката ќе спречи ширење на инфекцијата и ќе им помогне на државните болници, кои се сè поблиску до пополнување на нивните капацитети.