„Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите“, вели во своето обраќање до нацијата премиерот Зоран Заев.
„Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство.
Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати“, посочува тој меѓу другото.