Истражување на Западен Балкан: 40 отсто од луѓето во С.Македонија не сакаат да се вакцинираат против коронавирусот

од Vladimir Zorba
166 прегледи

На Западен Балкан, 80 проценти од населението верува во теории на заговор за појавата на коронавирусот, а најголем број на „жртви“ на вакви теории кои кружат на Интернет има Албанија, покажа истражувањето спроведено од Атлантскиот совет на Вашингтон и Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа“.

Во Србија, 41,5 проценти од испитаниците веруваат во теории на заговор, додека во Албанија тој процент е скоро 20 проценти поголем, или 59,4 проценти.

Србите најмалку веруваат во теоријата дека Кинезите го направиле коронавирусот – 35 проценти од нив, а 39 проценти од Србите веруваат дека вирусот излегол од лабораторијата во Вухан.

Овие бројки се значително поголеми во Албанија, каде 65 проценти од испитаниците веруваат дека вирусот е создаден во Кина, а 58 проценти веруваат дека излегол од лабораторија во Вухан.

Интересно е во ова истражување дека Србите во Црна Гора и Косово имаат многу помалку верба во теориите на заговор поврзани со Кина во споредба со другите етнички групи.

Од друга страна, дури 86,1 процент од косовските Срби веруваат дека Бил Гејтс ја создал вакцината за да ги „чипира“ луѓето, додека 93,7 проценти од нив сметаат дека фармацевтската индустрија играла клучна улога во создавањето и пропагандата за вирусот.

Слично е и со другите малцински етнички групи, како што се Албанците, Србите и Бошњаците во Црна Гора, како и Албанците во Северна Македонија, кои веруваат многу повеќе во теориите на заговор отколку етничките мнозински групи во тие земји.

Теориите на заговор се значително распространети кај евроскептиците отколку кај оние кои се залагаат за европска интеграција – 60,6 проценти од противниците на членството во ЕУ имаат силни ставови во прилог на некои теории на заговор, наспроти 48,9 проценти од испитаниците кои се еврофанатици.

Кога станува збор за примање вакцини, 53,4 проценти од испитаниците во Западен Балкан не би примиле вакцина, додека само 39,2 проценти „веројатно“ или „сигурно“ би се вакцинирале.

Најголемата поделба во општествата во регионот во однос на приемот на вакцини е во Црна Гора, каде само 44,8 проценти би примиле вакцина.

На Западен Балкан, 55 проценти од испитаниците веруваат дека вакцината е направена од кинеската влада во лабораторија, 56 проценти веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на коронавирусот, 28 проценти веруваат дека постои врска помеѓу технологијата 5G и коронавирусот, а скоро 33 проценти веруваат дека војската го развила вирусот како биолошко оружје, додека 35 проценти веруваат дека Бил Гејтс го користи вирусот за да спроведе вакцинација со чипови за да ги следи луѓето.

Гледано од земјите и териториите поединечно, над 60 проценти од Албанците во Албанија веруваат дека кинеската влада го направила вирусот во лабораторија, што е најподдржаната теорија на заговор во таа земја, а над 55 проценти во БиХ веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на вирусот

На Косово, 58 проценти од граѓаните веруваат дека кинеската влада го создала вирусот, во Црна Гора повеќето од нив – 58 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето, во Северна Македонија 52 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е исто така одговорна за ширењето, додека во Србија нешто над 50 проценти.

Најголем процент на испитаници кои не сакаат да се вакцинираат против коронавирусот има во Северна Македонија, повеќе од 40 проценти.

Кога станува збор за Србија, околу 33 проценти рекле дека нема да бидат вакцинирани, додека 20 проценти се оние кои ќе се вакцинираат, како и оние кои најверојатно ќе се вакцинираат.

Во истражувањето се наведува дека Западен Балкан претставува плодна почва за теории на заговор, а како причина се наведени слабите институции и недовербата во нив.

Истражувањето беше спроведено во октомври во Србија, Албанија, Северна Македонија, БиХ, Црна Гора и Косово и во него учествуваа околу илјада испитаници постари од 18 години преку телефонски и онлајн истражувања.