Во изминатите неколку дена, во Англија се откриени повеќе од илјада случаи на инфекција со нова варијанта на коронавирус. Случаите се пријавени главно на југот на земјата.
„Идентификувавме нова варијанта на коронавирусот што може да биде поврзана со побрзо ширење на југоистокот на Англија“, изјавил вчера министерот за здравство Мет Хенкок.
„Првичната анализа сугерира дека оваа варијанта расте побрзо од постојната. Морам да истакнам во овој момент дека засега нема индикации дека оваа варијанта предизвикува посериозна форма на болеста, а најновите клинички информации се дека е многу малку веројатно оваа мутација да не одговори на вакцината“, додал тој.
Мутација на значителен протеин
Иако министерот за здравство истакна дека ова веројатно не е поопасен вид на Ковид-19, сепак, од две причини, научниците внимателно ја следат оваа состојба, пишува Би-Би-Си.
Првиот е дека нивото на овој вид е повисоко во области со поголем број на заразени, што може да биде лош знак. Имено, вирусот може да мутира на таков начин што полесно се шири и со тоа предизвикува повеќе инфекции. Експертите сега работат на експерименти во лабораторија за да утврдат дали е тоа така.
Друга причина зошто медицинските професионалци посебно внимаваат на овој вид е начинот на потекло.
„Има изненадувачки голем број на мутации, повеќе отколку што би очекувале, а неколку од нив изгледаат многу интересно“, изјавил микробиологот Ник Ломан од Конзорциумот „The COVID-19 Genomics UK Consortium (COG-UK)“, кој исто така ја идентификувал оваа варијанта.
„Постојат два основни сета мутации, и двете се наоѓаат на клучниот протеин „spike“. Овој протеин е еден вид клуч што вирусот го користи за отклучување на вратите на клетките во нашето тело за потоа да ги нападне. Во мутацијата Н501 променет е најважниот дел на протеинот. Притоа, секоја промена која му го олеснува влезот во клетките на вирусот, најверојатно го забрзува неговото ширење. Ова ми изгледа како важна адаптација“, додаде тој.
„Прерано е да се грижиме за овие нови варијанти“
Ковид-19 постојано прави различни комбинации на мутации за да преживее и за подобро да се шири. Откако се појави пред една година во Кина, месечно поминува две мутации. Кога би го споредиле со видот кој се појави кај првите случаи во Вухан, би виделе околу 25 мутации.
Почетокот на масовната вакцинација ќе изврши дополнителен притисок на вирусот, односно тој, ако сака да опстане, ќе мора значително да се промени за да би можел да ги зарази оние кои се имуни. Ако дојде до таква забрзана еволуција на ковид-19, можеби ќе мора редовно да се менува вакцината, како што е случајот против грипот, за таа да биде ефикасна.
Некои експерти предупредуваат дека е важно да не се шири паника, бидејќи Ковид-19 постојано мутира и засега не се евидентирани значајни промени.