Пред десетина дена предлог-законот за попис на населението и домаќинствата доби европско знаменце според кое приоритетно ќе се разгледува.
Во оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.
–Сакам да ве убедам дека сите граѓани на Македонија каде и да се наоѓаат, во земјава или во странство, не сме ги изоставиле од овој предлог закон.Македонците, Албанците и другите кои живееме во оваа земја кои сме државјани со години наназад ќе може да се попишеме толку колку што сме и тие кои што сме – појасни заменик-министерот за правда Агим Нухиу за време на собраниската Комисијата за европски прашања.
Пописот што треба да се спроведе следната година во април месец и ќе чини осум и пол милиони евра и ќе биде за пет милиони евра помалку од пропаднатиот попис во 2011. Повеќе ќе се користат електронски уреди, отколку хартија, најави премиерот Зоран Заев, презентирајќи ја иницијативата за европски стандарди дома.
– Имаме за цел со Предлог-законот за попис, оваа статистика операција сега и во иднина да не се третира веќе како политичка прашање. Пописот ќе го има затоа што развојот на земјата нема да биде можен без резулатите од него. Затоа што на граѓаните, бизнисмените и институциите им требаат точни статистички податоци за нашето население, рече Заев.
Во своето гостување на 24 анализа, директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски, посочи дека навремено и се е подготвено за претстојниот попис во април и вели дека обуките и опремата се веќе подготвени за процесот.
„Најоптималното решение беше до крајот на октомври, но тоа не значи дека нема време. За оваа операција се предвидени средства од буџетот. Набавена е целата опрема, исто како и софтверското решение. Нам најважно ни е спроведувањето на терен. Колку подобра обука за оние кои ќе го спроведуваат пописот, толку поквалитетен опис“, истакна Симовски.
Најголемата статистичка операција во земјава треба да се организира и да се спроведе во април 2021 година, претходно неколкупати беше одложувана. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција но таа беше прекината.