Заев: По празниците, ќе продолжат средбите меѓу Османи и Бучковски со Захариева

од Nikola Popovski
171 прегледи

Премиерот Зоран Заев очекува по празниците специјалниот претставник на македонската влада Владо Бучковски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева да ја продолжат комуникацијата за изнаоѓање решение.

„Со Бугарија создаваме дијалог, а не конфликт, преку смиреност и подготвеност за соработка, наместо со национализам и нови изолации“, вели Заев во интервју за МИА.

Според него, по чистата мартовска одлука за старт на преговорите со ЕУ, која беше поддржана од сите земји членки, вклучително и од Бугарија, „секое одлагање на стартот на преговорите само го доведува кредибилитетот на Унијата во прашање“.

За него, реформите на администрацијата остануваат еден од приоритетите.

„Буџетот за 2021 е изгласан и во него има средства за сите предвидени реформски и економски процеси. И сега треба да се одработи, многу да се работи, секој од нас да даде максимум, а тоа важи и за секој од државните службеници. И ете го реперот – кој е спремен да одработи и да биде сервис на граѓаните од кои е платен, не треба да се грижи за ништо. Се разбира, дел од администрацијата природно ќе гравитира кон бизнис секторот, а дел ќе се пензионира согласно законските рамки. Во секој случај, владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува се поуслужна кон граѓаните“, вели Заев.