Груби: Во новата владина зграда поуспешно ќе се реализираат приоритетите од Рамковниот договор

од Nikola Popovski
441 прегледи

Министерството за политички систем со министерот Артан Груби од денес ќе работат во луксузна зграда вредна 14 милиони евра, која се наоѓа пред влезот од подземната гаража на Македонскиот народен театар. Според него, со обезбедувањето на овој објект за Министерството за политички систем, се обезбедило и успешно функционирање на политичкиот систем, како и реализација на стратешките приоритети што произлегуваат од Охридскиот Рамковен Договор и истовремено се обезбедила подобра координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој договор.

Увид на вселувањето денеска изврши премиерот Зоран Заев кој изјави дека Владата втор мандат успешно продолжува да го надоградува концептот за едно и еднакво општество за сите.

Новите простории на Министерството се откупени од Акционерското друштво за станбен и деловен простор.

– Новиот простор е обезбеден благодарение на можноста самата Влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на Владата, од голем дел од заштедените средства уплати 620 милиони денари или 10 милиони евра на Акционерското друштво за станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која го врати кредитот. Значи државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно ново Министерство, рече Заев.

Министерство за политички систем нема да биде единствен корисник на барокната зграда. Таму ќе се сместат и Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Управата за афирмирање на културата на припадниците на заедниците, Националниот Албански Ансамбл.