Гастербајтер од Швајцарија донираше респиратори-вентилатори за прилепската болница

од Nikola Popovski
268 прегледи

Во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, денеска беа промовирани 20-те неинвазивни вентилатори за кислородна поддршка, донација на Седрик Пахуд, сопственик на компанијата BCD Micro Technique S.A од Швајцарија која ги произведува овие апарати и прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој живее и работи во оваа земја.

„Ова е многу значајна донација за пациентите со потешка клиничка слика, а ќе се користи и по пандемијата, главно, на интерното одделение“, вели директорот на прилепската градска болница „Борка Талески“, Драган Богојески.

Изразувајќи ги своето задоволство од донираната опрема, градоначалникот Илија Јованоски рече дека 20-те неинвазивни вентилатори ќе бидат од огромна помош во лекувањето на хоспитализираните пациенти, и тоа не само во борбата со коронавирусот, туку ќе бидат од големо значење за болницата и после завршувањето на пандемијата.

„Станува збор за донација на нашите пријатели од Швајцарија, Седрик Пахуд, сопственик на компанијата BCD Micro Technique S.A која ги произведува овие апарати и нашиот сограѓанин Дејан Аџиоски, кој живее и работи во Швајцарија. Сакам да им се заблагодарам за нивниот несебичен однос, за хуманиот гест кој доаѓа од една земја која по карактер е хумана за целиот свет. Помошта доаѓа во моментите кога бројот на заболени од коронавирус во нашиот град е сеуште голем. Овие апарати ќе им бидат од голема корист на докторите и на целиот здравствен персонал од прилепската болница. Неинвазивните вентилатори најмногу ќе им користат на пациентите со потешка клиничка слика, односно на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка“, изјави градоначалникот Јованоски.

Прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој моментално живее и работи во Швајцарија и со чија заложба се реализираше донацијата, истакна дека сопственикот на швајцарската компанија BCD Micro Technique S.A, Седрик Пахуд, е хуман човек, што уште еднаш се потврди со неговата брза и несебична реакција за донирање на 20 неинвензивни апарати за кислородна поддршка за потребите на пациентите во Општата болница во Прилеп.

„Постапката за испорачување на донацијата започна во декември 2020 година и за само еден месец респираторите пристигнаа во прилепската болница. Покрај донацијата за Македонија, во тек се и донации на медицински апарати и за други земји во светот“, посочи Аџиоски.

 

Слични содржини