МВР соопшти дека согласно Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразна болест COVID 19 предизвикана од вирусот SARS COV 2, случаите и временскиот период на нивна примена (Службен весник на РСМ, број: 298 од 16.12.2020 година) се забранува организација и одржување на прослави на јавни места и површини по повод престојните празници, како и организација и одржување на каков било друг тип на прослави и собирања на отворен и затворен простор од страна на физички и правни лица, особено во периодот од 18 декември 2020 до 21 јануари 2021 година.
Граѓаните ги мотивира да пријават евентуални собирања и прослави на бесплатниот телефонски број 0800-00-201 или на електронската адреса [email protected] и ги уверува дека тоа можат да го сторат анонимно.
Ова посебно се истакнува по повод традиционалните прослави на божиќните празници, односно палењето на бадникарски огнови.
И Град Скопје денеска излезе со апел до граѓаните.
„Ги потсетуваме граѓаните за Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана за собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден“, стои во нивната објава.
Во соопштението, тие потенцираат дека во изминативе четири години градот Скопје интензивно се бори против огновите на отворено и додаваат, дека ја спроведува кампањата за пријавување на оган на отворено, со единствена цел, за како што велат, да се заштити воздухот од загадување и да се зачува здравјето на граѓаните.
Истовремено, ги потсетија граѓаните дека сите огнови на отворено, можат да ги пријават на телефонскиот број 193.