Намален бројот на заболени од ковид, првите вакцини на „Фајзер“ најавени за крајот на месецов

од Берта Китинска
265 прегледи

Состојбата со вирусот во земјава полека се стабилизира.  Надлежните се надеваат дека овој тренд на опаѓање ќе продолжи, а за крајот на јануари ги очекуваат и првите дози на вакцини.

Првата вакцина која ќе пристигне во земјава е вакцината на „Фајзер“, а следната која доаѓа предвид е вакцината на „АстраЗенека“.

Преку КОВАКС механизмот во земјава треба да пристигнат 833 илјади дози вакцини за над 400 илјади граѓани.

Според Филипче, како резултат на директните преговори со компанијата „Фајзер“ дополнително се очекуваат околу 800 илјади дози, а дел се очекува и од солидарниот механизам – отстапување одреден процент од вакцините што ги набавуваат земјите членки на ЕУ.

Со вакцините кои треба да пристигнат од сите механизми ќе бидат вакцинирани 1,2 милион граѓани во земјава, поточно 60 проценти од населението. Очекувањата на здравствените власти се дека со нив треба да се постигне колективен имунитет.

Веќе од денеска во аптеките ќе биде достапен лекот Ивермектин кој помага во лекување на овој вирус.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 86597, бројката на оздравени пациенти е 67992, на починати е 2635, а бројот на активни случаи изнесува 15970.