Лекот „Ивермектин“ од денеска е достапен во аптеките, информираат од Министерството за здравство.
Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 мг x 10 во пакување, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција, по одобрена малопродажна цена во аптеките изнесува 299 денари.
-Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Тој може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се зема превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид-позитивен. Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на „ивермектин“ кај пациенти со Ковид-19 се во тек и/или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „ивермектин“ има поволен ефект во профилакса на Ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика – велат од Министерството за здравство.