Што е следно за Трамп откако ќе ја напушти Белата куќа?

од Stefanija Kuzmanovska
319 прегледи

Мандатот на досегашниот американски претседател Доналд Трамп завршува на 20 јануари, со инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Се поставува прашањето, како ќе изгледа иднината на Трамп откако ќе ја напушти Белата куќа?

Првиот чекор по заминувањето на најконтроверзниот претседател на САД е неговото веќе најавено отсуство од инаугурацијата на новоизбраниот претседател. Тоа ќе биде втор пат во историјата актуелен претседател да не присуствува на инаугурацијата на новиот претседател. Првиот случај се случи во 1869 година кога Ендру Џонсон одби да присуствува на инаугурацијата.

Неговата нова адреса на живеење е сè уште непозната, иако Трамп тврди дека ќе се пресели во неговиот приватен клуб Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.

Пред протестите во Капитол, Трамп ја имаше сигурната позиција на претседател на Републиканската партија. Од него се очекуваше да продолжи да ја извршува функцијата и да се подготвува за претседателските избори во 2024 година. Но, неговата судбина многу се смени по 6 јануари кога група негови приврзаници предизвикаа невиден протест.

Идните соработки и животниот тек на Трамп сега зависат многу од инцидентот на 6 јануари во Капитол. Доколку биде осуден на претстојното судење во Сенатот, ќе му биде забрането да се кандидира за федерална служба, што ќе ја загрози неговата иднина.

Дека неговата иднина е загрозена потврдуваат и изјавите на некои од најголемите американски бизнисмени кои ја прекинаа соработката со Трамп и остро го осудија инцидентот што се случи на почетокот на јануари.

Иако на Трамп веројатно ќе му бидат забранети сите медиумски можности, некои веруваат дека тој би можел да започне своја сопствена „Трамп мрежа“ за да се натпреварува со Твитер.

Поделбата на политиката на Трамп, исто така, значително влијаеше на недвижнините, хотелското и голфското царство на неговото семејство, од кои повеќето се наоѓаат во Њујорк. Под знак прашалник е и неговата компанија, која има долг од една милијарда долари, за што тој е лично одговорен.

Да бидат работите уште полоши, „Дојче банк“, единствената банка која сакаше да соработува со него, сега изјави дека одбива соработка.

Некои тврдат дека Трамп ќе замине директно во затвор по напуштањето на претседателската функција. Самиот Трамп им призна на своите советници пред изборите дека се плаши од „поинтензивна обвинителна истрага ако изгуби“.

Повеќе од десетина истраги на канцеларијата на обвинителот во Менхетен и граѓански тужби во моментов се водат околу неговата деловна групација „Организација Трамп“, а некои веруваат дека крајниот исход на Трамп ќе биде полош од оној на Ричард Никсон за аферата Вотергејт.

Слични содржини