Грчката влада ја продолжи одлуката за забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, како и ограничувањата на копнените граници и поврзувањата со Македонија и Албанија. Со ова, забраната ќе важи до 8 февруари во 6 часот наутро.
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас/Кулата и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони/Богородица кон Северна Македонија, Какавија кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.
Оваа одлука се однесува на спречувањето на ширењето на коровирусот со „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната”.