Со 70 гласа „за“, Собранието го донесе законот за лекови со кој се создаваат услови за увоз на вакцини за Ковид-19 во земјата.
Законските измени предвидуваат одобрение за ставање во промет на вакцини против ковид-19 да добијат и подносители без седиште на територијата на Македонија, како и баратели кои не доставиле целосна документација.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ побара Владата да им се извини на граѓаните, поради како што рече, манипулацијата и несериозност за доцнењето на вакцините, додека пратениците од власта ја повикаа опозицијата да не прави политика од овој закон и вакцината и што побрзо да се донесе законот.
Министерот за здравство Венко Филипче им се заблагодари на пратениците веднаш по гласањето.
„Денеска, во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата. Изразувам благодарност до пратениците за поддршката и искажаната грижа за колективното здравје. Имунизацијата е единствениот начин да ставиме крај на пандемијата“, напиша Филипче на Фејсбук.