Во интервју за февруарскиот број на магазинот „Корд“, австрискиот канцелар Себастијан Курц вели дека Австрија целосно го поддржува европскиот пат на целиот Западен Балкан и дека ќе се стреми за започнување на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.
Курц изрази посебно жалење што Северна Македонија, како „примерен-кандидат“, сè уште не ги има отворено пристапните преговори со ЕУ.
„Австрија ќе се залага за започнување на задоцнетите преговори за членство со Северна Македонија и Албанија во првата половина на 2021 година“, додаде тој.
Тој исто така изјави дека Австрија останува пријател на Западен Балкан дури и во време на криза, и дека поддршката на регионот во борбата против пандемијата на Ковид-19 е нејзин главен приоритет. Тој потсети дека Австрија неодамна ветила 2,4 милиони евра за иницијативата Ковакс, додека ЕУ одлучила да стави 70 милиони евра на располагање за вакцините за Западен Балкан.