Заев: Честитки до Ивановски и Стојоски, за првпат испраќаме двајца атлетичари со освоена норма на ЕП

од Nikola Popovski
340 прегледи

„Честитки за големиот успех на нашите атлетичари Дарио Ивановски и Јован Стојоски кои на Атлетските митинзи во Белград, Србија освоија А норма и пласман на Европското првенство во сала, кое ќе се одржи во март во Полска“, објави вечерва премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

Тој додаде дека за првпат во историјата во македонската атлетика испраќаме двајца атлетичари со освоена норма на Европско првенство.

„Дарио Ивановски постави нов рекорд во дисциплината 1.500 метри, кој воедно е и највреден рекорд во сите дисциплини од 1.500 метри до маратон.

Подвигот на двајцата атлетичари е голема радост за сите граѓани и извонреден успех за македонската атлетика – кралицата на спортовите. Им посакувам нови успеси на младите атлетичари на понатамошните натпревари“, стои во објавата на премиерот.
Дарио Ивановски по вторпат за две недели го собори рекордот на Македонија на 1.500 метри. На митингот во Белград, Ивановски ги истрча 1.500-те метри за 3:44.98 минути, што беше подобро речиси за една секунда од неговото најдобро време во кариерата, 3:45,46 минути, забележано пред две недели, исто така во Белград. За ова постигнување Ивановски доби 1.088 бода, според табелата на Светската атлетика (СА), и си обезбеди норма за настап на Европското првенство (ЕП) во сала, кое ќе се одржи од 4 до 7 март во Торун, Полска, информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ).