Според неделниот извештајот на ИЈЗ во моментов во земјава регистрира зголемен број на нови случаи, а намален е бројот на починати лица во однос на претходната недела.
Во Собранието пред во понеделникот беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата.
По најавата за вакцината на „Фајзер“ и кинеската „Синофарм“ во земјава во март месец ќе пристигнат првите дози од „АстраЗенека“.
Во март „АстраЗенека“
Првата доза вакцини против Ковид-19 ќе пристигне во текот на идниот месец и станува збор за вакцината произведена од компанијата „АстраЗенека“, информираа од Министерството за здравство.
„Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Pfizer BNT162b2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против COVID-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Pfizer вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот“, стои во соопштението на Министерството.
Национален план за имунизација на населението
Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.
-Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а не преку системот „Мој Термин”, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во фаза I, лица на возраст од 65 години и постари.
Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.
Министерот нагласи дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела се вакцинираат.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 93.160, бројката на оздравени пациенти е 82.520, на починати е 2.873, а бројот на активни случаи изнесува 7.767.