Обидот да се вратат односите на Европската унија со Руската Федерација во нормала сега може да се смета за траен неуспех. Резултатот од разговорите меѓу министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го покажа токму тоа.
Прес-конференцијата на овие двајца дипломати се претвори во лекција за дрскост и неуспех. Борел изгледаше како ученик, ставен во ќош, недоволно подготвен, додека Лавров, веќе познат по тоа што не им подарува ништо на своите преговарачки партнери, овој пат го лиши дури и Борел од политичкото достоинство: Европската унија е „неверодостојна“; Земјите на ЕУ како Германија и Франција се „арогантни“ кон Русија и одбиваат да дадат важни информации за разјаснување на случајот Навални; во Шпанија има политички мотивирани судски пресуди против каталонските сепаратисти“.
Ова е само еден дел од обвинувањата и лагите што Лавров ги фрли кон Борел. Од друга страна, Борел одговори со молчење. Таму каде евентуално само контролиран излив на гнев може да го запре гневот на г-дин Лавров, Борел се обиде да одговори со љубезност.
Додека двајцата ја изведуваа оваа тажна претстава на отворена сцена на прес-конференција, руското Министерство за надворешни работи, предводено од Лавров, го заврши нападот. Тројца дипломати од земјите на ЕУ беа протерани од Русија за наводно учество во протести против затворањето и осудата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Трите погодени земји – Германија, Полска и Шведска – категорично го негираат ова, додека Борел, барем до одреден степен, го испрати својот протест во писмена форма, пишува Дојче веле.
Најдоцна од петокот (5,2) попладне, беше јасно дека мисијата на Борел не успеа. Но, главниот дипломат на ЕУ остана во Москва уште неколку часа. Тој мораше да стори нешто, да се сретне со претставници на оние кои го поддржуваат Навални или да се обидат да ја поправат ситуацијата со јавен настап во Русија. Дури и рано враќање може да се замисли, а таквиот прекин на патувањето сигурно ќе испрати одреден сигнал.
Дури и пред дипломатското патување на Борел во пеколот, скептиците се прашуваа што всушност може да постигне такво патување и дали пресудата против Навални можеби беше доволна причина да се откаже патувањето? Загрижените набудувачи потсетија дека Кремљ има подобра преговарачка позиција и дека Борел нема никаква позиција и затоа постои опасност од неуспех.
За жал, сето тоа се оствари. Европската унија сега се соочува со можеби најголемиот неуспех во нејзината сè уште млада историја на дипломатијата.
Понатамошните санкции се неизбежни
Ова не може и нема да остане незабележано ако ЕУ сака за неколку недели темелно да ја разгледа својата стратегија кон Русија. Во секој случај, Кремљ очигледно не сака никакви односи со ЕУ, кои се засноваат на принципите на правда и еднаквост. Значи, од самопочитување, ЕУ ќе мора да се ограничи на она што е неспорно и на она што го сакаат двете страни: трговија, снабдување со енергија, контрола на пандемијата, контакти меѓу граѓанските организации. Ова не е занемарливо, но секако е далеку помалку отколку што е можно.
Раката што Борел демонстративно ја подаде на Москва, Москва ја одби. Во ЕУ, некои влади првично пружаа отпор кога разговараа за воведување нови санкции за неправда против Навални. Сега, кога Борел се враќа од Москва со празни раце и со извалкан образ, понатамошните санкции се неизбежни. Значи, сè уште не е достигнато дното.