Заев за македонско – бугарските односи: Пријателите не треба меѓу себе да се блокираат

од Берта Китинска
254 прегледи

Непринципиелната позиција на Бугарија спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ со што требаше да биде означен почетокот на преговорите, истакна вчера премиерот Зоран Заев на панелот кој го организираше американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“

„Нашиот став е дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат. Напротив тие треба си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети кои ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало“, нагласи премиерот Заев.

Pремиерот уште еднаш потенцираше дека за некои теми нема и не може да се дискутира.

„Преку некои наши црвени линии не може да се помине. Бугарија разбира дека имаме суверено право, право на само идентификување да се чувствуваме како Македонци и да зборуваме на нашиот македонски јазик… Немаме претензии кон нашите соседи или други земји. Да бидам попрецизен – дискусија околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик е навистина анахрона и спротивна на европските и атлантските вредности и на меѓународното право. Немаме намера да дискутираме за тие теми“ рече премиерот Зоран Заев.