Сенатот на САД гласаше: Судењето за отповикување на Трамп е во согласност со Уставот

од Nikola Popovski

Американскиот Сенат со мнозинство гласови потврди дека судењето за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп е во согласност со Уставот.

56 сенатори гласаа за продолжување на судењето, а 44 беа против.

Меѓу оние кои го поддржаа аргументот на демократите дека постапката е дозволена со американскиот устав, беа шест републиканци.

Тоа се: Бен Сасе од Небраска, Мит Ромни од Јута, Пет Туми од Пенсилванија, Сузан Колинс од Мејн, Лиса Мурковски од Алјаска и Бил Касиди од Луизијана.

Гласањето уследи по скоро четиричасовна дебата околу отповикувањето на поранешниот американски претседател под обвинение дека тој наводно поттикнал бунт што резултирал со упад на дел од неговите приврзаници во комплексот Капитол Хил на 6 јануари.

За време на презентацијата, правните застапници на Трамп покажаа видео во кое се содржани сите повици на демократите за отповикување на поранешниот претседател во последните четири години.

Адвокатот Дејвид Шон ги обвини демократите за „незаситна желба за импичмент“.

Сепак, за да биде осуден Трамп, неопходна е поддршка од две третини од 100-те членови на Сенатот, што е малку веројатно затоа што тоа вклучува најмалку 17 гласа на републиканците.

Демократите имаат 50 места во Сенатот.

Патем, Трамп е единствениот американски претседател против кого постапката за отповикување е покрената двапати. Доколку Сенатот одлучи да го отповика, Трамп никогаш повеќе нема да може да учествува на изборите.

Демократите тврдат дека имаат непобитни докази за вината на Трамп, додека правниот тим на поранешниот претседател на САД одговара дека демонстрантите дејствувале независно и оценува дека постапката во Сенатот е апсурдна и неуставна.

Адвокатите на поранешниот американски претседател исто така истакнуваат дека судењето не се заснова на Уставот на САД затоа што Трамп повеќе не е претседател.

Судскиот процес треба да продолжи денеска околу осум часот.

Минатиот месец Претставничкиот дом го отповика Трамп под обвинение за поттикнување бунт за време на говорот пред Белата куќа во кој ги повика своите приврзаници да се „борат“ против неговиот пораз на изборите.

Слични содржини