Министерството за здравство информира дека во сезоната 2020/2021 година вкупниот број на заболени од сезонски грип изнесува 539, што претставува 92,5% помалку во споредба со истиот период лани и 94,5% помалку во однос на типичната сезонска крива.
„Најголемиот број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години. Во петтата недела од 2021 година, пријавени се 45 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи намалување во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива. Во Република Македонија, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип. Вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина, додека пак 10.566 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини“, велат од Министерството.
Од таму дополнуваат дека, мерките за заштита од КОВИД-19 вирусот придонесоа за намалување на бројот за заболени и на пациенти од сезонски грип.
„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од ова заболување“, истакнуваат од МЗ.