„Билатералните прашања треба да се решаваат посебно меѓу државите и не треба да бидат дел од европската преговарачка рамка, се согласивме со европратеникот Илхан Ќучук на денешната средба, кој изрази поддршка за европските перспективи на Северна Македонија и продолжување по реформскиот пат“, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Според него, низ разбирање и дијалог ќе продолжиме да ги негуваме добрососедските односи, не само заради европскиот начин на однесување, туку и поради потребата од пријателски односи помеѓу соседските држави.
Од владината прес-служба велат дека Ќучук дал поддршка за европската перспектива на земјава, а се зборувало и за реформите.
„Целосно сме фокусирани на реформите, со најголем фокус на правосудството, каде започна практичната имплементација на донесените законски решенија. За нас нема алтернатива за членството во ЕУ. Низ политиките на разбирање и дијалог ќе продолжиме да работиме, со цел придонес во добрососедските односи и не само затоа што тоа е важно за европскиот начин на однесување, туку и поради потребата од пријателските односи помеѓу соседските држави“, рекол Заев.
Ќучук денеска одржа и заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи, на која исто така се зборуваше и за односите со Бугарија. Тој порача билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата да им се остави на историчарите.
Бугарскиот европратеник денес ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи на коалицијата „Можеме“, Јован Митрески, на коалицијата „Обнова за Македонија“ Никола Мицевски, на ДУИ Изет Меџити, како и на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи.