„Во координарана акција на институциите, Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција – да се пријави и да си го земе решението за притвор“, објави утрово премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Според него, „правдата е обезбедена, и ќе ја има и повеќе и почесто!“.
„Ќе следува ваков одговор на институциите секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата“, дополнува Заев.
Вчера придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за правда, Бојан Маричиќ, премиерот Заев одржа прес-конференција на која ги соопшти деталите од акцијата после која осомничениот во предметот „Таргет-тврдина“, Сашо Мијалков, беше принуден да замине во Обвинителството за организиран криминал за да го подигне решението за притвор.
Мијалков вчера изјави дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини. Имал висока температура и симптоми на корона, а за ситуацијата што настанала околу него дознал вчера изутрина. Тој им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани. Кажа и дека нема да бега и останува во државата.