„Гордана Димитриеска Кочовска нема никаков кредибилитет да зборува за економија и одговорно работење, кога токму таа додека беше дополнителен заменик министер за финансии кочеше заем од Светска Банка за опремување на ковид центри и помош за најпогодените од коронакризата“, реагираат од СДСМ на пресот на членката на ИК на опозициската партија.
„ВМРО-ДПМНЕ може да се обидува да ги лаже и манипулира граѓаните, но факт е дека последната еврообврзница има каматна стапка од 1,625%, а ќе се искористи за враќање на еврообврзницата, издадена во време на ВМРО-ДПМНЕ со каматна стапка од 3,975%.
Во 2014 година ВМРО – ДПМНЕ ја задолжи државата со еврообврзница од 500 милиони евра, за кои во овие 7 години, од парите на граѓаните, се платени камати во вкупен износ од 139,1 милиони евра.
Доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, која беше издадена со стапка од речиси 4 %, по основ на камата ќе се заштедат 82,25 милиони евра.
Бројките не лажат.
Емитуваната еврообврзница е најевтина досега, со историски најниска каматна стапка од 1,625%, или неколкукратно пониска во однос на сите претходно издадени еврообврзници.
Ова е резултат на раст на довербата на меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзините перспективи.
Владата предводена од СДСМ води економска политика со која креира услови за стабилна и одржлива економија и за разлика од претходната режимска власт на ВМРО-ДПМНЕ, води сметка за секој денар на граѓаните“, велат од СДСМ.
Претходно, Димитриеска Кочовска обвини дека владата за неполна година повторно ја задолжи земјата со повеќе од 1.150.000.000 евра со што долгот на четиричлено семејство во земјава пораснал за 2.400 евра.
Таа смета дека министерот за финансии Фатмир Бесими вчера ја манипулираше јавноста со изјавите за висината на каматата на новот задолжување и за податоците за приходите во буџетот.
Според неа, министерот намерно не ги кажал приходите од персоналниот данок кои во јануари имааа пад од 6 отсто, исто како и од ДДВ кои имаа пад од 10 отсто во јануари.
Што се однесува до каматата на еврообврзницата, рече таа, Србија и Хрватска се задолжија пред нас на подолги рокови, а со пониски каматни стапки.
– И така со, според вас, стабилен буџет и добра наплата на приходите, вие издадовте нова еврообврзница ни помалку ни повеќе туку на 700.000.000 евра или креирате нов нето долг сега од 200.000.000 евра, и без нималку срам уште се фалите дека каматата била историски најниска. И после толку години власт уште не научивте што влијае и како се формира камата на задолжувањето на меѓународните пазари на капитал. Дека каматата зависи од глобалната ликвидност, од потрагата за принос на инвеститорите, зошто на пазарот има само негативни приноси? – рече Димитриеска Кочоска.
Таа забележа и на високиот процент на учество на долгот во Домашниот бруто производ (БДП)
– Ако во 2016 година претставници на СДСМ велеа „Нема правда кога јавниот долг вртоглаво расте” денес од оваа говорница ќе им порачам: Нема правда, ВИЕ Македонија ја однесовте во банкрот. Ве прашувам: ако нивото на јавниот долг од 48.8% од БДП кумулиран за 10 години владеење и две економски кризи го нарекуваа ГРЧКО СЦЕНАРИО, како го нарекуваат јавниот долг од 60,2% на крајот на 2020 година или од 6,5 милијарди евра, којшто и натаму ќе расте за дополнителни 450 милиони евра во 2021 година? – рече Димитриеска Кочоска