Високата службеничка на Европската агенција за лекови (ЕМА), Криста Виртумер-Хохе, денеска апелираше до членките на Европската унија да не одобруваат употреба на руската вакцина Спутник V за итна употреба, сè додека агенцијата не ја испита целосно нејзината безбедност и ефикасност, објави „Гардијан“.
– Потребна ни е документација врз основа на која би направиле проценка. Во моментов немаме податоци за вакцинирани лица, тоа е непозната. Затоа би апелирала до земјите од ЕУ да не ја одобруваат вакцината Спутник V за итна употреба – рече Виртумер-Хохе за австриската телевизија ОРФ.
Таа не исклучи дека постои можност Спутник V да се појави во понудата за вакцинација во земјите на ЕУ.
– Пред тоа, потребно е да се направи експертиза, која ја започна ЕМА. Податоците што доаѓаат од рускиот производител ќе бидат прегледани според европските стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност. Ако сè оди добро, вакцината ќе биде одобрена – додаде Виртумер-Хохе.
ЕМА ќе ја разгледа и употребата на американската вакцина „Џонсон и Џонсон“, а специјален состанок во врска со одобрувањето на овие вакцини ќе се одржи на 11 март.