„Катастрофално и ужасно е ВМРО-ДПМНЕ наутро да се радува што има заболени пратеници од коронавирусот, а попладне да глуми загриженост за јавното здравје“, велат од СДСМ преку соопштение како реакција на прес-конференција на Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, речиси цели 19 години државата нема спроведено попис како најважна политичка операција и тоа токму поради ВМРО-ДПМНЕ која потроши народни пари и го прекина пописот во 2011 заради партиски калкулации.
„Пописот ќе се одржи оваа пролет, државата конечно ќе добие целосни, прецизни и релевантни податоци за натамошен развој. Државата, институциите покажаа капацитет во организирање на изборни процеси кои се целосно безбедни по здравјето, така ќе биде и со пописот. Веќе се донесени протоколите, здравјето и на попишувачите и на граѓаните ќе биде целосно заштитено додека трае оваа најважна статистичка операција“, стои во партиското соопштение.
Пописот треба да го спроведеме, тоа е статистичка операција и секој треба да си ја преземе одговорноста, изјави денес премиерот Зоран Заев.
„Има земји кои што го одложиле, но тие имаат последни податоци од пред 10 години. Ние имаме последни податоци од пред 20 години и навистина правиме грев пред граѓаните со сето тоа што е работење на јавните институции со нивните пари на непознати податоци. Треба да го споведеме пописот и апсолутно е јасно како операцијата се спроведува со анкетен прашалник, согласно протоколите, како што течат сите постапки. Можеме да го завршиме пописот. Тоа е статистичка операција и треба да си ја земеме одговорноста“, истакна Заев во одговор на новинарско прашање по денешната посета на „Скопје Ист Гејт“.