„При набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес“, реагираат од Владата.
Владата при набавка на авторски дела, како на пример набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигура дека добавувачот, заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е испочитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки.
Владата работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор.
Затоа, ги повикуваме надлежните институции, вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес.
Софтверот, изработен од „ФИНКИ” и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП” ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила.
Набавката на софтверот за контрола на просечната брзина на возилата во сообраќајот е спроведена со сите детални процедури низ отворена и јавна тендерска постапка во која заради повеќе учесници односно наддавање од три компании, предвидениот буџет за проектот од 8 милиони, е намален на околу 5 милиони денари.
Извршено е тестирање на софтверот при што констатирано е дека е целосно функционален и ефикасен, а за тестирањето на софтверот имало претходни известувања од службите на Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за внатрешни работи односно до Бирото за јавна безбедност.“, се додава во реакцијата.
ДКСК соопштија денеска дека ќе ја истражуваат набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој уште лани во февруари го купил Генералниот секретаријат на Владата тогаш предводен од Драги Рашковски, а МВР не знае за набавката и не планира да ја користи.
Рашковски, демантира дека патентирал софтвер за следење на сообраќајни прекршоци, кој потоа Генералниот секретаријат на Владата го купил. Тврди дека патентирал само идеја, исто како што имал, како што вели тој, идеја за попис и за поврат на ДДВ.