Централниот одбор на СДСМ вечерва ја одржал дваесетта седница на чиј дневен ред беа повеќе точки за актуелни процеси кои се одвиваат во партијата, внатрешните промени, модернизацијата и демократизацијата, како и повеќе важни општествени теми од интерес на граѓаните.
Од партијата информираат дека првите директни внатрепартиски избори се закажани за 21 март на кој сите активно регистрирани членови ќе го бираат Претседателот на СДСМ.
„По одржувањето на првите директни избори Централниот одбор донесе одлука, на 16 мај 2021 година да се одржи 26-тиот Конгрес на СДСМ, кој ќе биде изборен. Во оваа насока ЦО го усвои Правилникот и Роковникот за постпаката, начинот и критериумите за кандидирање и избор на членови на Централниот и Надзорниот одбор на СДСМ. Го овласти Извршниот одбор да утврди дневен ред, време, место и начин на одржување на Конгресот, имајќи ја предвид состојбата со коронавирусот“, стои во соопштението на партијата.
Според СДСМ, во однос на актуелната политичка ситуација, претседателот Заев посочи дека парламентарното мнозинство е стабилно со изгледи дополнително да расте, а соработката во коалицијата во Владата ја оцени како многу добра.
„Во однос на претстојните локални избори и измените на Изборниот законик, претседателот Заев го реафирмираше ставот дека СДСМ е за една изборна единица и поддржува воведување отпечаток на прст при гласањето. Но, за сето тоа потребни се измени на Изборниот законик кои треба да се донесат со консензус, без надласувања“, информираат од владеачката партија.