Експертите од Кралскиот колеџ во Лондон велат дека направиле тест што може да открие протеин кој е директно поврзан со ризик од смртен исход или сериозно заболување од ковид, објави „Дејли меил“.
Се смета дека ГМ-ЦСФ протеинот е одговорен за распаѓање на имунолошкиот систем и предизвикување оштетување на органите или смрт кај некои ковид пациенти.
Меѓутоа, ако се открие на време, за време на приемот на пациентот во болницата, лекарите можат да реагираат поагресивно и можно е да се нападне ГМ-ЦСФ со постојните лекови кои се користат за лекување на артритис. А намалувањето на нивото на протеинот би го намалило ризикот некој сериозно да се разболи или да почине од ковид, објасниле истражувачите.
Во студија спроведена на повеќе од 500 пациенти, тим научници откриле дека нивото на протеинот познат како цитокин е значително повисок кај сериозно болните луѓе, па дури и десет пати поголем кај луѓето кои подоцна починале.
Професорот Питер Опеншо, еден од експертите вклучени во студијата, рече дека „овие откритија се многу важни во борбата против ковид“.