„Верувајте, јас за сите вработени или ангажирани во Владата ниту се обидувам да имам контрола, ниту знам. Тие си имаат право на свој одмор, право на одлучување. Утре ќе проверам и ќе и соопштам на јавноста“, изјави на прес-конференција, премиерот Зоран Заев на прашањето дали знае каде се наоѓа поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и дали е надвор од земјава.
„Денеска имав состанок само со министерот за земјоделство, преземаме одредени активности за тутунот, се слушнав и со министерот Филипче со кој подоцна ќе имам состанок за новите состојби во здравството и секако, со дел од мојот Кабинет заради тековни активности“, дополни Заев.
Инаку Рашковски со денови е тема во јавноста по информациите за набавка на софтвер за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој за Министерството за внатрешни работи (МВР) лани во февруари го набавил Генералниот секретаријат на Владата кога тој го раководеше, а не се планира да се користи.
Во медиумите се појави информација дека Рашковски заминал во Мексико.