Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изјави дека очекува дека претседателството на Словенија со ЕУ во втората половина на оваа година „ќе даде нов поттик за проширување на Унијата и видлив исчекор на регионот (Балканот) во тој процес “.
Во интервју за електронското издание на „Дело“ од Љубљана, Заев рече дека верува оти Словенија ќе ја потврди својата заложба за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и ќе стори „се што треба за ЕУ да не ги изгуби европските вредности и принципи“ и да продолжи со поддршка на земјите кандидати.
„Вистина е дека Северна Македонија губи драгоцено време со неодобрување на Рамката за преговори, но верувам дека единствената вистинска европска реакција е зајакнување на барањата за почитување на европските вредности. Мислам дека Словенија ќе ја заземе оваа позиција како земја претседавач со ЕУ и дека тоа ќе биде огромен придонес во процесот на проширување на Унијата“, рече Заев.
Тој посочи дека Северна Македонија „гледа кон иднината“ и „како пријателска земја гледа на сите соседи“.
„Во таа насока, нашите очекувања се недвосмислени, како и очекувањата на целиот Западен Балкан, дека треба да има видлив исчекор кон ЕУ за нашата земја и регионот за време на словенечкото претседателство“, рече Заев во интервју за „Дело“, чии извадоци ги пренесе владината служба.