Повеќето луѓе кои прележале корона се заштитени шест месеци, но тоа не важи за една група

од Stefanija Kuzmanovska
412 прегледи

Повеќето луѓе кои прележале ковид-19 се заштитени најмалку шест месеци од повторна инфекција, покажува најнова студија, но постарите луѓе се повеќе склони кон повторна инфекција отколку помладите.

Студијата објавена од медицинското списание „Лансет“ открива дека само 0,65 отсто од луѓето по втор пат биле позитивни на тестот на ковид-19, откако претходно биле заразени за време на првиот и вториот бран на пандемијата во Данска. Тоа е многу пониско од 3,27 отсто кои биле позитивни на вирусот откако користеле попрецизни PCR тестови, откако претходно биле негативни на брз тест, пишува Би-Би-Си.

Меѓутоа, студијата покажа дека луѓето постари од 65 години имаат само 47 отсто заштита од повторување на инфекцијата, во споредба со 80 отсто заштита за помладите луѓе.

– Нашата студија го потврди она што го сугерираа многу други. Повторната инфекција со ковид-19 е поретка кај помладите, здрави луѓе, но постарите луѓе имаат поголем ризик повторно да заболат- рече Стен Еделберг од данскиот Statens Serum институт.

Авторите на студијата не открија дека заштитата од повторна инфекција паѓа во текот на шест месеци по болеста, но посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди заштита од реинфекција кај различни варијанти на вирусот.

Научниците исто така рекоа дека реинфекциите веројатно ќе бидат асимптоматски или благи, бидејќи имунолошкиот систем ќе го потисне вирусот пред да предизвика големи штети на организмот. Сепак, студијата сугерира дека имунитетот кон природни инфекции е непредвидлив и нерамномерен и ја нагласува важноста за вакцинирање на сите, особено на постарите лица.

„Сигурно не можете да се потпрете на инфекција од минатото за да ве заштитиме од нова, а можеби и од доста сериозна, клиничка слика ако сте во постара старосна група“, истакнува Еделберг.

Прецизни анализи на реинфекција се ретки досега, бидејќи многу луѓе ширум светот првично немаа пристап до тестирање, а лабораториите бараат генетски низи од двата круга на тестирање за да се потврди повторната инфекција.

Податоците кои беа предмет на анализа беа собрани со помош на данската национална стратегија за тестирање, која беше бесплатна и масовна и во рамките на која беа тестирани 69 отсто од населението, односно четири милиони луѓе во текот на минатата година.

Иако 80-процентна заштита од реинфекција можеби не изгледа толку голема, заштитата од симптоматските болести е веројатно поголема. Анализата го вклучувала секој што бил тестиран, без оглед на симптомите.

– За многумина, тоа ќе бидат асимптоматски реинфекции. Заштита од 80 отсто од симптоматска инфекција е голема – забележал Флоријан Крамер, имунолог од болницата Монт Синај во Њујорк, за „Њујорк тајмс“.

Ваквото истражување е особено важно за стратегиите за вакцинација. Наодите сугерираат дека луѓето кои се опоравиле од ковид-19 треба да примат барем една доза вакцина против коронавирус за да се зголеми нивото на заштита, објасни д-р Крамер.

– Повеќето луѓе создаваат силен имунолошки одговор на природната инфекција, но има многу варијабилност. По вакцинацијата, не гледаме варијабилност, гледаме многу високи одговори скоро кај сите, со многу малку исклучоци – додаде тој.

Слични содржини