МРТ: Гарванлиев ќе оди на Евровизија како наш претставник

од Nikola Popovski
518 прегледи

Македонскиот јавен сервис МРТ одлучи пејачот Васил Гарванлиев да остане наш претставник на овогодинешното издание на Евровизија.

Комисијата за утврдување одговорност на 19-ти март одржала состанок по реакциите на јавноста предизвикани пред сè од видео-спотот на Гарванлиев. Притоа, било утврдено дека МРТ во целост ги испочитувала и интерните постапки и процедурите при апликацијата во ЕБУ.

„Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓало во тие два кадра, предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот бил повлечен и преработен. Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега добило публицитет. Согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи,“ објаснуваат од МРТ.

Според нив, изборот, Васил Гарванлиев да биде претставник на Евросонг 2021 е резултат на континуитет во изборот за претставник на оваа престижна манифестација, минатата година за што е организирана дебата , на која учествувале композитори, пејачи, новинари, автори итн. За сите одлуки, јавноста била информирана преку соопштенија.

„Комисијата обрна посебно внимание и го цени укажувањето на шефицата на делегацијата во извештајот дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки. Сепак, имајќи го предвид сево ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага за во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации“, стои во соопштението на МРТ.

Инаку, денеска вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева го повикала заменик-шефот на амбасадата на Република Македонија во Софија, Владимир Крастевски на разговор, бидејќи „бугарските дипломати изразиле длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Македонија против Васил Гарванлиев.“

Слични содржини