Опозицијата бара нови избори, власта ќе чека заболените пратеници од ковид да заздрават за да може да се гласа за законите. Обвинувањата за блокадите продолжуват .
Парламентарното мнозинство ќе се зголемува
Очекувам дека ќе се зголеми парламентарното мнозинство, дел од опозиционите пратеници ги препознаваат овие деструкции, истакна пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, во емисијата на телевизија 24.
Тој нагласи дека парламентот е блокиран од опозицијата, Законот за државјанство поднесен од Алијансата на Албанците и Алтернатива е блокиран со амандмани на ВМРО ДПМНЕ и Левица.
-Нема ниту еден амандман од мнозинството на овој предлог закон, но, ние ги кажавме нашите забелешки, и според меѓународните конвенции и според експертите, не знам дали можеме со ваков закон да го решиме статусот на некои граѓани, рече Митрески, нагласувајќи дека СДСМ сака решение за овие луѓе, но не на ваков начин.
Тој вели дека со ваква содржина не може да се донесе закон.
– Нашиот став е дека нема да го гласаме.Не гледам причина условно македонската опозиција кога блокира закон на условно албанската опозиција дека треба да биде блокирано собранието. Затоа, според мене има два логични заклучока, или се договорени да биде блокирано собранието или албанската опозиција наседнала на провокацијата на ВМРО и Левица и влегле во блокада за да не бидат единствени блокатори на собранието”, оцени Митрески.
Се нуди решение
Албанската опозиција е подготвена да го удвои бројот на амандмани за блокирање на Собранието. Сепак, Алијанса за Албанците и Алтернатива нудат решение за блокадата. Доколку има договор за заеднички закон за државјанство, тие ќе ги повлечат амандманите. На седницата што беше закажана за денеска, а која не се одржа поради немање кворум, албанската опозиција планираше да предложи најмалку 15 илјади дополнителни амандмани.
Пратеничкитг групи на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса на Албанците-Алтернатива сметата дека единствен излез од кризата се предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.
СДСМ не прифаќа предвремени избори. Во наредниот период ќе се обидат да се соберат 62 пратеници за да може да се свика пленарна седница. Ќе ги искористат деловничките можности, реформите да продолжат.
Собранискиот спикер Талат Џафери вчера соопшти дека се додека владејачкото мнозинство не обезбеди кворум нема да свика седница. На усвојување чекаат дури 150 дебатирани закони.