Покрај Македонците, и голем број граѓани на БиХ ќе се вакцинираат на Белградскиот саем

од Nikola Popovski

Голем број граѓани на Босна и Херцеговина викендов ќе го искористат за да го извршат процесот на имунизација во соседна Србија, а во раните утрински часови, според извештајот на БИХАМК, е забележана зголемена фреквенција на автомобили на граничните премини со Србија, пишува сараевскиот портал „Кликс.ба“.

Пред салата 3 на Белградскиот саем, каде што граѓаните можат да се вакцинираат без претходна најава, според извештајот на порталот, има голем број граѓани на БиХ кои, како што е наведено, поради несоодветната реакција на владата на проблемот со набавка на вакцини, одлучиле да ја искористат бесплатна имунизација во Србија.

Кликс потсетува дека за влез во Србија во овој момент е потребен само важечки пасош на БиХ, додека надлежните органи во Србија во моментов не бараат негативен ПЦР-тест.

За вакцинација не е потребен лекарски сертификат, а процесот на вакцинација, вклучително и административната постапка, трае во просек околу дваесет минути.

Од Македонија исто така се тргнати колони возила кон Белград. Како што информира АМСМ на граничниот премин Табановце, чекањето за излез од државата е околу 40 минути. Причина се големиот број наши државјани кои од вчера патуваат во Србија, каде викендов имаат закажани термини за вакцинирање, во истата сала на Белградскиот саем.

Слични содржини