Гужва во Ниш: За вакцини чекаат граѓани од Битола и Прилеп

од Nikola Popovski
464 прегледи

Вакцинацијата на бизнисмени од С. Македонија продолжи и денес во салата „Чаир“ во Ниш, но од соседната земја пристигнаа и граѓани кои не се пријавиле за вакцината преку српската е-улрава, па било преполно на влезот, соопштуваат српските медиуми.

На еден граѓанин му се слошило, па морал да биде однесен со брза помош. Засега, како што рече директорот на здравствениот центар во Ниш, Милорад Јеркан, за „Јужне вести“, сè уште никој не е вратен, но приоритет ќе имаат бизнисмените што се пријавиле, додава тој.

Интересот за вакцините бил голем и вчера, па, како што вели Јеркан, тие дале 1.735 вакцини, а денес околу 600 лица ја примиле вакцината до пладне.

Поради вакцинацијата, од нашата земја пристигнале и граѓани без претходно закажан термин, а според директорот на Нишкиот здравствен дом, синоќа пристигнале уште 1.000 вакцини, а наскоро треба да пристигнат уште околу 1.200 од АстраЗенека.

„Има голема гужва. Успеав да набавам уште 2.000 вакцини преку луѓе кои сакаат да ги имаме добрите односи, а вакцини започнаа да пристигнуваат и од Белград. Ако има повеќе луѓе, ќе ни биде жал, нема да можеме да им излеземе во пресрет“, истакнал Јеркан.

Според него, пристигнале и граѓани кои не биле регистрирани за вакцината. Тој посочува дека сè уште никој не е вратен, но дека приоритет ќе имаат бизнисмените кои се пријавиле.

Од Ниш соопштуваат дека голем дел од македонските државјани доаѓаат од градовите Битола и Прилеп.

Иако сè уште никој не се вратил во Ниш од оние граѓани кои дошле без закажан термин, вчера директорот на Канцеларијата за информатичка технологија и електронска администрација на Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ, претходно изјави дека граѓаните од соседните земји кои не биле регистрирани нема да бидат вакцинирани.

Слични содржини