Заедничката студија на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на ковид-19 наведува дека пренесувањето на вирусот од лилјаци на луѓе преку друго животно е најверојатното сценарио за настанување на болеста и дека пропуст во лабораторијата е крајно малку веројатна причина, го пренесе АП нацрт-извештајот во кој имаше увид.
Агенцијата наведува дека денес ја добила скоро финалната верзија на извештајот на СЗО од дипломат со седиште во Женева, кој не сакал да биде идентификуван бидејќи не бил овластен да дава информации пред официјалното објавување.
Сè уште не е познато дали извештајот може да се промени пред да биде објавен, но наодите што ги содржи беа главно очекувани и оставија многу прашања без одговор, пренесува АП.
Тимот на СЗО предложи понатамошно истражување во сите можни насоки во врска со потеклото на коронавирусот, освен хипотезата дека тој „избегал“ од лабораторија.
Истражувачите разгледале четири сценарија по редослед на веројатност. Тие заклучиле дека пренесувањето преку друго животно е многу веројатно. Процениле дека е веројатно директно ширење од лилјаците на луѓето, а исто така навеле дека е можно ширење преку прехранбени производи на „ладниот ланец“.
Објавувањето на извештајот беше одложено неколку пати, а официјално лице на СЗО на крајот на минатата недела изјави дека очекува тој да биде подготвен за објавување во следните неколку дена.
Извештајот главно се заснова на посетата на тимот меѓународни експерти на СЗО на кинескиот град Вухан, каде што првпат беше откриен ковид-19, во текот на јануари и февруари минатата година, според агенцијата.