„Ја имам таа чест да ви соопштам дека од денес повторно ги имаме Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули и други на местата каде што сите ние сакавме да бидат и да останат како дел од колективната меморија на нашето Скопје. Со денешната одлука на Советот беа именувани 485 улици и 8 мостови, плоштади и други инфраструктурни објекти во нашиот град“, објави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, откако Советот на Град Скопје на денешната седница ја утврди листата за дополнување на листата на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје и ја донесе одлуката за определување и промена на имињата на улици, мостови, плоштади на градското подрачје.
Според него, со враќањето на старите имиња на најпознатите скопски улици денес е исполнето уште едно изборно ветување.
„Најголемиот дел од улиците кои добија нови имиња претходно беа именувани или со број или како краци на други улици. Ова го направивме од практични причини, со што се олеснува целокупната организација на нумерирањето на објектите на овие улици.
Многу улици добија имиња по личности кои оставија белег на македонската и светската историја, наука и култура. Свои улици добија Блаже Конески, Славко Јаневски, Горан Стефановски, Благоја Георгиевски – Буштур, Енвер Малиќи и многу други кои оставија белег кој долго ќе се памети во скопската и македонската традиција.
Нека ни е со среќа и уште долго овие улици нека бидат дел од нашите срца и нашите убави сеќавања како вредно наследство за идните генерации“, напиша Шилегов.