„Јас би ја спровел стратегијата на Велика Британија, односно би вакцинирал со една доза. Колку повеќе се вакцинираат со една доза, толку подобро, за да стекнеме некаков имунитет, па понатаму тој да се буста и да се подобрува“, вели молекуларниот биолог Горан Кунгуловски за емисијата „Топ тема“.
Според него, со втората доза се зголемува ефикасноста на вакцината за 10 до 15 отсто.
„Најголемата ефикасност ја добивате после првата доза. Иницијално АстраЗенека, втората доза ја даваше после 28 дена, но понатаму се направи нова студија во која се утврди дека примањето на втората доза после 12 недели има поголем бенефит“, потврди Кунгуловски.
Од изутринава започна масовната вакцинација со вакацината на „АстраЗенека“ за лица над 77 години во 12 градови во земјата. Над 20.000 дози се веќе поделени по здравствените домови, а за вакцинација се пријавени нешто под 20.000 граѓани.
Оценката на надлежните е дека таа се одвива добро во повеќе градови и не се регистрирани никакви проблеми. Забележани се и случаи каде граѓаните и покрај тоа што закажале термин, не се појавиле на пунктовите за вакцинација. Досега тоа е случај со околу 20 отсто од пријавените. Нема ниту еден случај со несакана реакција досега од вакцинираните.