„Почитуван господин Заев, твојата администрација реагираше доста брзо со оваа протестна нота, но сè уште не одговори на прашањата зошто во земја која е кандидат за членка на ЕУ, стануваш предмет на репресија поради твојата самоопределба. Зошто на бугарски државјанин не му е дозволен влез на граница со донација на книги за Културно-информативниот центар Скопје? Зошто граѓани на РСМ се повикувани и испрашувани затоа што добиле бугарски книги на подарок? Ова се само дел од прашањата на кои вашата администрација треба да одговори и ве повикувам да одговорите на бугарското Министерство за надворешни работи и институциите на Европската Унија“, прашува бугарскиот европратеник и заменик-претседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, откако пред два дена македонското Министерство за надворешни работи испрати протестна нота до Бугарија, поради неговиот контроверзен предизборен спот.
Тој тврди дека не искажал никакви тврдења кон С. Македонија и нејзиниот територијален интегритет.
„Ниту кон вашето право да се нарекувате Северномакедонци. Зборувам за Македонија, за мојата, за нашата Македонија, за која се бореа Бугарите Борис Сарафов, Васил Чакаларов, Лазар Поптраиков, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Тодор Александров и безброј други комити. Македонија е бугарска и тоа е историската вистина“, стои во објавата на Фејсбук.
Во видеото, објавено на 29 март, кое е предизборен спот на ВМРО на Красимир Каракачанов, Џамбаски, меѓу другото, вели: „Колку посилно врескате со вашите лаги, толку побрз и поужасен ќе биде вашиот крај. Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè. Гласајте за ВМРО“.
Денес и Канцеларијата на делегацијата на Европскиот Парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ го осуди предизборниот спот на Џамбаски и побара од премиерот Бојко Борисов да се огради од оваа реторика и да ја осуди.