Пристигна руската вакцина, надлежните најавуваат 500 илјади кинески вакцини од „Синовак“

од Берта Китинска
262 прегледи

С.Македонија денеска доби втора донација на вакцини од Србија.Станува збор за  двапати по 20 илјади дози „Спутник V“ вакцини, со кои ќе се вакцинираат вработените во МВР, Армијата, јавниот превоз, судии…

– Со оваа вакцина ќе се вакцинираат вработени во МВР, делот од Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија – истакна министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека вакцинацијата ќе се врши во салата „Борис Трајковски“.

Премиерот Зоран Заев, денеска истакна дека се пријавил за вакцинирање, и дека ќе се вакцинира со било која вакцина, односно со таа што ќе дојде на ред.

-Јас веќе се пријавив за вакцинација преку онлајн апликацијата како секој граѓанин, и која вакцина ќе дојде на ред, со таа ќе се вакцинирам. Сметам дека сите вакцини се здрави, безбедни и уште еднаш апелирам до граѓаните да ја искористат можноста и да се пријават за вакцинација, рече Заев.

Тој напомена дека во текот на овој месец се очекува да пристигна нови колични на вакцини.

-Tреба да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник V“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани, изјави Заев, кој уште еднаш апелираше до граѓаните да се пријават за термин за вакцина, додавајќи дека сите вакцини се безбедни, и што побрзо заврши вакцинацијата „побрзо ќе го победиме овој невидлив непријател“.

Од соседна Србија веќе добивме 8 илјади вакцини на „Фајзер“ кои беа за здравствените работници од Ковид-центрите.